Руската амбасада во Чешка наводно ја променила официјалната адреса во Прага, откако плоштадот каде што се наоѓа амбасадата беше преименуван во чест на убиениот руски опозиционер Борис Немцов.
Амбасадата сепак ги негира извештаите во чешките медиуми, наведувајќи дека амбасадата почнала да користи единствена поштенска адреса, наместо две кои комплексот долго време ги имал.
До овој чекор доаѓа по дипломатските препирки меѓу двете земји за спомениците од Втората светска војна и за другите остатоци од Студената војна.
Пред два месеци, локалните власти во Прага го преименува плоштадот каде што се наоѓа Руската амбасада по поранешниот руски вицепремиер Борис Немцов. Тој беше застрелан во февруари 2015 година во близина на ѕидините на Кремљ. Немцов беше отворен критичар на рускиот претседател Владимир Путин.
Чешкиот портал Актуелне.цз и други медиуми завчера објавија дека амбасадата официјално ја сменила својата административна адреса од Плоштад Немцов, на улицата неколку стотини метри подалеку, каде што се наоѓа конзуларната зграда. Амбасадата вчера на Фејсбук негираше дека ја сменила адресата и ги обвини чешките власти дека се обидуваат да ги посрамат. Тие велат дека се работи за чисто техничко прашање, а се добива впечаток дека има обид да му се даде политички тон.
Претставници на чешкото Министерство за надворешни работи се обидуваат да ја минимизираат одлуката.
Русија и Чешка се судрија и за споменикот на советскиот воен командант, маршал Иван Конев, кој прашките власти неодамна го дислоцираа. Руското обвинителство реагираше дека ќе започне истрага за таа одлука.
Конев е херој за многумина во Русија, но е симбол на советската репресија за многумина Чеси.
Чешкиот претседател Милош Земан, рече дека отстранувањето на споменикот е „злоупотреба на вонредната состојба“ во Чешка.