Владите во целиот свет дебатираат кога и како да ги олеснат ограничувањата воведени за намалување на ширењето на коронавирусот, откако загриженоста за економијата и невработеноста почнаа да растат.
Задолжителни затворања на одредени бизниси беа воведени во многу земји за да се спречи ширењето на вирусот, од кој досега се заразија скоро 2,3 милиони луѓе во светот.
Министрите за надворешни работи од 13 земји, меѓу кои и Канада, Бразил, Италија и Германија, во денешната заедничка изјава повикуваат на глобална соработка за да се намалат економските влијанија од пандемијата.
„Од витално значење е да работиме заедно за да спасиме животи и егзистенцијата“, велат тие.
Изјавата беше поддржана од Велика Британија, Франција, Индонезија, Мексико, Мароко, Перу, Јужна Кореја, Сингапур и Турција. Во неа се наведува дека државите се посветени на „координација во јавното здравство, транспортот, трговијата и економските и финансиски мерки за да се минимизираат нарушувањата да се засили опоравувањето“.
Тие напори вклучуваат одржување на „воздушните, копнени и поморски транспортни врски“ да се обезбеди континуиран проток на стоки, вклучително и медицинска опрема и помош и враќање на патниците дома, соопштија министрите по синоќешната виртуелна средба. До средбата дојде во време кога во многу земји се покажува дека мерките за спречување на ширењето на болеста даваат резултати, а стапката на нови заболени забавува во цела Европа.
Франција и Шпанија почнаа со демонтажа на некои теренски болници, додека во Германија бројот на активни случаи се намалува цела недела, а сè повеќе луѓе оздравуваат од болеста.
Во меѓувреме, некои азиски земји, кои се чинеше дека ја ставиле епидемијата под контрола, како Сингапур и Јапонија, објавија пораст на нови случаи.