Филипче - Мерките даваат резултати, од мај полека ќе се олеснуваат

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека сите превентивни мерки во борбата со коронавирусот даваат резултат. Тој вели дека сето тоа доведе до тоа да има линеарен пораст на пациенти, да има број на пацинети што може да биде примен во болниците и соодветно да се третира. Филипче зборуваше на онлајн прес видеосесија Ковид-19 натема „Ретроспектива: коронавирус МК“.

Министерот за здравство вели дека болничките капацитети и сега не се преполнети. Тој очекува некаде на почетокот на мај да има период во кој бројот на новодијагностицирани пациенти ќе се намалува, а тоа ќе доведе до попуштање на рестриктивните мерки.

Филипче вели дека оваа болест ќе донесе трајни промени не само во животот, туку и промени во здравствените системи.

„Ќе биде потребно да се одделат здравствените институции, едни само за третман на пациенти со Корона вирус, други само за пациенти кои се негативни. Сето тоа бара реорганизација и ние тоа го започнавме“, изјави Филипче.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, зборувајќи на истата конференција рече дека како што ќе се менуваат и прилагодуваат мерките, така ќе се менува и армискиот ангажман, но се очекува зголемен ангажман од страна на општините.

На конференцијата зборуваат и премиеро Оливер Спасовски и заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи.