Полицијата во Грција уапсила 13 луѓе кои вчера ги прекршиле превентивните мерки за спречување на ширењето на коронавирусот со тоа што се собрале пред црква за време на Велики петок. Прекршувања на превентивните мерки, како и на забраната да се посетуваат црквите се забележани во повеќе делови на Грција. Во неколку случаи, свештените лица, и покрај забраните, ги отвориле вратите на храмовите.
Главната порака, што грчката Влада континуирано ја повторува е граѓаните денеска да „останат дома“, а за да се спречи каква било зголемена раздвиженост што би можела да предизвика дополнително ширење на коронавирусот, зголемени ќе бидат безбедносните мерки, контролите на полицијата, но и построги казни.
Од 21 часот вечерва до понеделник на полноќ, казната од 150 евра за прекршувачите на рестриктивните мерки двојно се зголемува, а сопствениците на возила може да се соочат со одземање на регистарските таблици.
Во Грција во време на корона-кризата е забрането да се посетуваат црквите, а литургиите се зад затворени врати.