Производството и вкупното индустриско производство во САД забележаа најголем пад од демобилизацијата во земјата по завршувањето на Втората светска војна.
Федералните резерви денеска соопштија дека производството минатиот месец е намалено за 6,3 отсто, пред сè поради падот на производството во автоиндустријата каде што сите фабрики се затворени. Севкупно, индустриското производство, кое ги вклучува фабриките, комуналиите и рудниците опаднало за 5,4 отсто, што е најголем пад од 1946 година и ги надминува песимистичките очекување на економистите. Производството на автомобили и автоделови опадна за 28 отсто, во комуналните претпријатија за 3,9 отсто, а во рудниците за 2 отсто, зашто е намалена експлоатацијата на нафта и гас.
Фабриките минатиот месец работеа со 70,2 отсто, што е пад од 75 проценти во однос на февруари, а најниско ниво од 2010 година, кога американската економија уште се опоравуваше од големата рецесија од 2008/09 година.
„Прогнозите за индустријата се мрачни, производството уште повеќе ќе падне во април“, напишаа Џејмс Вотсон и Грегори Дако од магазинот Оксфорд економикс.
Тие сметаат дека големите нарушувања во синџирите на снабдување, намалената енергетска активност и заострените финансиски услови и понатаму негативно ќе влијаат и дека индустриското производство би можело вкупно да опадне за 15 отсто.