Богати, сиромашни, заразени...

ГЕРМАНИЈА - Четворица Таџикистанци се уапсени под сомнение дека се членови на исламистичка терористичка ќелија, соопшти денеска Обвинителството на германската провинција Северна Рајна-Вестфалија. Четворицата, како и уште едно лице, кое веќе е во истражен притвор, планирале терористички напади во Германија во име на Исламска држава, соопшти обвинителството во Карлсруе, пренесе АФП.

МАКЕДОНИЈА - Од почетокот на месецот Хелсиншкиот комитет доби 56 пријави за прекршување на работнички права, кои опфаќаат 363 работници, информираат од Хелсиншкиот комитет за човековите права. Најголем дел од пријавите се однесуваат на принудно спогодбено раскинување на договорот за работа.

МАКЕДОНИЈА - Националниот координатор за распределба на странска помош, вицепремиерот Бујар Османи, и министерот за здравство, Венко Филипче, денеска, во присуство на амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мари Брнс, ја примија донацијата од САД за нашата земја, која се состои од заштитна медицинска опрема за борба против ковид-19 во вредност од еден милион долари.

МАКЕДОНИЈА - Денеска се регистрирани 12 оздравени пациенти од Скопје кои се лекуваа во домашни услови, а кои по два контролни теста се негативни на коронавирусот. Во изминатите 24 часа се потврдени 66 нови случаи на Ковид-19. Регистриран е и еден смртен случај од Ковид-19.

МАКЕДОНИЈА - Поглаварот на МПЦ-ОА, Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, во Велигденското послание, ги повика верниците да ги почитуваат препораките на надлежните за заштита од коронавирусот и оваа година Велигден и празниците што се слават по повод овој ден, да ги поминат во своите домови со своите семејства.

ШВАЈЦАРИЈА - Светските лидери го осудија потегот на претседателот на САД Доналд Трамп кој скрати од парите што земјата и ги дава на Светската здравствена организација (СЗО), која во моментов се справува со пандемијата на коронавирус.

СРБИЈА - Српскиот претседател Александар Вучиќ потврди дека забраната за движење во Србија околу Велигден ќе трае од 17 до 5 часот во петок, со цел да се запре ширењето на пандемијата со коронавирусот.

БЕЛГИЈА - Министрите за финансии и гувернерите на централните банки на Групата 20 индустриски најразвиени и земји во развој Г20 денеска одобрија привремен прекин на отплатата на долговите на најсиромашните земји. Ова беше соопштено по виртуелниот состанок на Г20.