Амбасадорката на САД во Македонија, Кејт Мари Брнс во отворено писмо до граѓаните порача дека само со заедничка работа може да се надеваме на успешно запирање на вирусот и евентуално пронаоѓање на вакцина. А за тоа да се оствари таа вели дека треба да се надминат националните граници, партиските и други поделби и да има соработка меѓу приватниот, невладиниот и јавниот сектор.
Во писмото, амбасадорката Брнс наведува дека ова е нова ситуација за сите нас и оддава признание за работата на Владата и за начинот на кој се справува со кризата. Без разлика на предизвиците што ни ги донесоа изминатите денови, амбасадорката посочува дека постојано гледа знаци на надеж и добрина.
„Ме охрабруваат секојдневните изрази на емпатија насекаде околу нас: на соседот кој им помага на постарите; на итните служби и на здравствените работници кои со сочуство се грижат за заболените; на продавачите; на возачите на камиони, на аптекарите и на многу други, кои продолжуваат да работат за нашите животи да продолжат колку што е можно понормално во овие неизвесни времиња; и многу други примери на човечка хуманост“, пишува Брнс.
САД и даваат поддршка на Македонија и во справувањето со оваа криза. Амбасадорката вели дека САД ќе останат партнер на земјата и по завршувањето на кризата за работите да се вратат во нормала.
„Уверена сум дека од ова искуство ќе излеземе посилни, нашето партнерство ќе биде подлабоко, и заедно ќе можеме да градиме нови можности за да помогнеме да ги реализирате вашите аспирации за силна, динамична и отпорна иднина, стои во отвореното писмо на американската амбасадорка Брнс.