До СЕММ пријавени 27 случаи на непрофесионално и неетичко известување на медиумите

Пријавени се 27 случаи на непрофесионално и неетичко известување за време на вонредна состојба, соопштија од Комисијата за жалби при Советот на етика во медиумите (СЕММ).Од нив, најголем дел (19 жалби или 70 отсто од случаите) се однесуваат на известувањето околу пандемијата на коронавирусот. Прекршување на членот 8 од Кодексот на новинарите, односно сензационалистичко информирање, како и на член 1 кој се однесува на објавувањето точни и проверени информации е утврдено во 32 отсто од пријавените случаи, соопштија од СЕММ.

Од СЕММ истакнаа дека јавноста реагира и на обидите за политизирање на кризата околу коронавирусот во медиумите, а во дел од пријавените случаи до СЕММ утврдено е дека новинарите не обезбедуваат професионална дистанца од политичките субјекти, односно се прекршува член 14 од Кодексот на новинари (32отсто).

Медиумите, како што нагласија, не смеат да бидат искористувани за поделба на луѓето преку различни политички пресметки, а коронавирусот не смее да биде „оружјето“ што ќе се користи од кои било политичари, без разлика дали станува збор за власт или опозиција, за политичко поентирање.

СЕММ упатува остра осуда на говорот на омраза и дискриминација присутен на социјалните мрежи, а медиумите ги повикуваме да се дистанцираат од натамошно пренесување на таквиот говор или, пак, да учествуваат во неговото професионално разобличување.