На критиките од Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, за одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на финансирањето на Светската здравствена организација, се придружи и Бил Гејтс, основач на „Мајкрософт“ и еден од најголемите индивидуални финансиери на СЗО.
„Престанувањето на финансирањето на СЗО за време на овој вид здравствена криза е многу опасно. Нивната работа помага да се запре ширењето на вирусот и нема друга организација во светот што може да ја преземе нејзината улога. СЗО му е потребен на светот повеќе од кога и да било“, напиша Гејтс на Твитер.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера изјави дека ѝ наложил на неговата администрација барем привремено да го прекине финансирањето на СЗО за нејзиното постапување со пандемијата на коронавирус.