Случаите со коронавирус во Турција доцнеа, но штом започнаа, тие пораснаа побрзо отколку на кое било друго место во светот.
Се стравува дека Турција би можело да биде следното големо жариште на пандемијата.
Иако има релативно низок број на смртни случаи, инфекциите се зголемуваат за 3.000 секој ден, пишува „Гардијан“.
Турција со колонска вода во бој против коронавирусот
Турција воведе ограничувања како затворање училишта, универзитети, кафулиња и џамии, како и запирање на летовите кон одредени земји.
Ограничувањата се зголемуваат и се воведени викенд забрани во некои градови, но случаите продолжуваат да растат.
Некои тоа го поврзуваат со тоа што Турција има најголема бегалска популација во светот, но и со развиената туристичка индустрија. Само лани Турција ја посетија околу 50 милиони туристи.
Слаба економија, но и здравство
Од друга страна е економската состојба на земјата.
Турција веќе има висока стапка на невработеност, инфлација и изгледи за рецесија поради големиот пад на нејзината валута во 2018 година.
Турција, исто така има ослабен здравствен сектор.
По неуспешниот пуч во 2016 година, турската влада стави на црна листа околу 15.000 здравствени работници, меѓу нив и експертот за коронавирусни заболувања Мустафа Уласли, кој, наводно, бил поврзан со пучот.
Емрах Алтиндис, професор на колеџот Бостон изјави за Њујоркер дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган е единствената личност која донесува одлуки за тоа како да се справува земјата со коронавирусот и оти токму тој не бил убеден дека треба да има поригорозни мерки.
Ердоган: Турција ќе го надмине коронавирусот за 2 до 3 недели
Според „Фајненшал тајмс“, Ердоган обично е критикуван од неговите противници за премногу цврста рака, но за време на пандемијата тој е „обвинет дека бил премногу колеблив“.
Првиот случај на коронавирус во Турција беше откриен на 11 март. Мерките што ги презема Турција од тогаш се мешани.
Додека веднаш ги затвори своите граници за патниците од Кина и Иран - и двете држави кои имаа голем број случаи - Турција се обиде да ги задржи своите граници отворени за туризмот.
Лошо информирање
Вториот голем неуспех, според Ал Џезира, бил малиот број на тестови што ги спроведе веднаш по избувнувањето на инфекцијата.
Еден од факторите, според некои, е и домашното информирање за коронавирусот.
Весникот „Вашингтон пост“ пишува дека верските научници „доминирале во информирањето“ и оти тие се фокусирале врз улогата на „вонбрачните односи, прељубата и хомосексуалноста“ во ширењето на вирусот.
Исто така, Ердоган оцени дека Турција е во подобра состојба од Англија или Франција и оти ќе го надмине коронавирусот со „трпеливост“ и „молитви“.
Наместо да ги вратат поранешните здравствени работници, властите се обидоа да ги запрат информациите.
Дали податоците ја даваат вистинската слика за пандемијата?
До 25 март, турските власти уапсија најмалку 400 лица за нивни објави на социјалните мрежи за коронавирусот за „обид да предизвикаат немири“.
Алтиндис смета дека има две теории зошто Ердоган не направил доволно.
Првата е дека турската економија не може да се справи со изолација, а втората е дека Турција сака да го спроведе таканаречениот систем на имунитет на стадо, иако тоа никогаш не е кажано јавно.
“Во моментов ова е режим на еден човек. Тој решава", заклучува Алтиндис.