Министерството за здравство денеска реагираше на објавување неофицијални најнови податоци за новозаразени и евентуално починати од Ковид-19 пред да бидат официјално објавени од самото Министерство или од Институтот за јавно здравје и замолуваат да не се прави екслузивитет од состојбата на пациентите.
„Со оглед на тоа што во изминативе денови, неколку медиуми први информираат за статистиката на денот ги замолуваме сите медиуми - да се држат исклучиво до официјалните информации кои излегуваат од релевантните институции наместо да користат лични контакти за информирање“, соопшти Министерството..
Состојбата во државата е вонредна, велат од МЗ, и овие моменти не би требало да се користат за ексклузивитет - затоа што податоците може да бидат неточни, но и податоци без детална информација предизвикуваат страв и паника кај семејствата кои се лекуваат од КОВИД-19 на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, како и во останатите јавно-здравствени установи.
„Апелираме на солидарност и грижа во овие моменти. Ве замолуваме за известувањето во однос на состојбата со пациентите да се информирате исклучиво од Министерството за здравство“, објави МЗ.