Апликацијата „Стоп корона“ е достапна за преземање на мобилните телефони и користете ја што помасовно, изјави денеска на прес-конференција министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.
Според него, станува збор за софтвер кој овозможува детекција на контактите на заболените лица, податоците ги собира сервер во здравствениот систем и никој нема пристап до нив. На корисниците на андроид телефони при вклучување на блутут, ќе им биде побарана локација, но не користи лични податоци.
„Апликацијата дава брз одговор на здравствените експерти со кои лица бил заразениот во близина во последните 14 дена, помага да се информираат потенцијално инфицираните лица, за да им се дадат насоки за самоизолација, тестирање или лекување“, рече Манчевски, додавајќи дека за да биде успешен проектот апликацијата треба да биде колку што е можно помасовно искористена.
Министерот потенцираше дека апликацијата гарантира целосна заштита на приватноста, не ги следи контактите и не користи локација ниту име и презиме на оние коишто ја користат.
„Функционира на анонимизирани кодови, кои се генерираат за секој граѓанин при нејзиното активирање. Ако два уреда со инсталирана апликација се најдат во непосредна близина, во апликацијата се евидентира кодот на апликацијата инсталирана на уредот кој е во наша близина и времето кога тоа се остварило“, појасни Манчевски.
И министерот за здравство, Венко Филипче, ја потенцираше користа од апликацијата во борбата со коронавирусот.
„Со апликацијата „Стоп корона“ ќе се откријат непознатите, односно, несвесно направените контакти. Со тоа ќе се скрати времето на траење на епидемијата“, рече Филипче и додаде дека состојбата нема да заврши со достигнување на пикот кон крајот на месецот, туку ќе трае до идната година.