Бектеши контра угостителите: Заради нивниот интерес фондот е зголемен за 8 милиони евра

Министерот за економија Крешник Бектеши

Министерот за економија Kрешник Бектеши денеска изјави дека сега не е време за уцени туку за конструктивни предлози и дека не се вистинити информациите што вчера ги изнесе Туристичко угостителската комора на Македонија дека правните субјекти од угостителските дејности нема да ги користат мерките за поддршка, бидејќи токму заради нивниот интерес бил дополнет фондот за 8 милиони евра.

„Лично имам присуствувано на состанок со сите стопански комори каде што барањата за исплата на минималната плата беше клучно за задржување на вработените во секторот, за сега да слушнеме од Туристичко-угостителската комора при ССКМ дека нема да ги искористат сите мерки. Укажувањата на угостителите дека нема да ги користат овие мерки сметаме дека не се точни, имајќи го предвид податокот од Банката за развој каде што како Влада требаше да ги дополниме Фондот со дополнителни 8 милиони евра поради големиот интерес на компаниите токму од овој сектор“, рече на денешната прес-конференција министерот Бектеши.

Тој потенцира дека многу скоро се извештаите за месец март од Државниот завод за статистика, за да се направат споредбени анализи за бројот на работници по индустрии и, како што рече, ќе се констатира дека бројката од 15.000 отпуштени работници во угостителскиот сектор е потполно неточна. Групациите на угостители, според него, треба преку нивните матични комори да предложат мерки и конструктивно да учествуваат во нивното носење, без, како што посочи, да навлезат во паушални анализи кои не се базирани со реални бројки, а со тоа да шират неточни информации во јавноста.

Вчера, Мартин Ангеловски од Групацијата за угостителство, изјави дека тие нема да ги користат мерките за помош од владата, бидејќи така само повеќе ќе се задолжеле и дека средстават кои тие нема да ги користат, можат да бидат пренасочени дирекно кон сите кои остануваат без работа или во сектори каде владата мисли дека ќе се постигне ефект.