МТСП: Паричен надоместок за прекин на работен однос

Граѓаните со прекин на работен однос имаат право на паричен надоместок во висина од 50% од просечната месечна нето плата на работникот за последните 24 месеци, информираше Министерството за труд и социјална политика. Право на паричен надоместок има невработено лице што било во работен однос најмалку 9 месеци непрекинато, или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци, пред престанокот на работниот однос.

Надоместокот се исплатува согласно годините работен стаж. На пример, паричен надоместок се исплатува 1 месец, ако лицето има стаж на осигурување најмалку 9 месеци во непрекинато траење или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци. Ако лицето има стаж од 10 до 12,5 години, надоместокот се исплатува 6 месеци, а доколку има стаж над 25 години – 12 месеци, појаснуваат од МТСП.

Висината на месечниот паричен надоместок за време на невработеност се утврдува врз основа на пресметаните и исплатени плати кај работодавачот и изнесува 50% од просечната месечна нето плата на работникот за последните 24 месеци за лице кое има право на паричен надоместок до 12 месеци. Паричниот надоместок не може да изнесува повеќе од 80% од просечната месечна нето плата по работник во Републиката објавена за последниот месец. Граѓаните што останале без работа поднесуваат барање во Центарот за вработување во местото на живеење, во рок од 30 дена од денот на престанокот на работниот однос.