Општинските кризни штабови во општините Дебар и Центар Жупа денеска информираа дека има видно намалување на бројот на лицата кои се во домашна изолација, а нови случаи на болни од Ковид 19 нема .
Градоначалникот на Дебар Хекуран Дука изјави дека од над 216 изолирани лица моментално во домашна изолација се 98 , што значи дека другиот дел веќе ја завршија изолацијата и се слободни . Тој исто така соопшти дека нема нови заболени од коронавирус и бројката на болни останува на 49 од кои 4 се починати.
И градоначалникот на руралната општина Центар Жупа Арјан Ибраим за РСЕ изјави дека , во изолација се останати само 15 лица од вкупно над 35 лица што беа пред неколку дена . Тој потврди дека и покрај тоа што првите болни во земјава беа регистрирани токму во оваа општина и тоа 2 од кои еден пациент почина, нема ниту еден нов случај заболен од Коронавирус .
Првите луѓе на двете општини велат дека состојбата со коронавирусот како да се смирува, а големо значење во таквата состојба има почитувањето на мерките на Владата.