Манчевски: бројот на вработени во јавниот сектор лани зголемен за 0,6 отсто

Архивска фотографија- Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски

Бројот на вработени во јавниот сектор за 2019 година изнесувал 132.900, распределени во 1.324 институции. Од нив 20.169 вработени во МВР, во Армијата, во Агенцијата за разузнавање, во Агенцијата за национална безбедност и во Управата са финансиска полиција. Преку агенциите за привремени вработувања во институциите од јавниот сектор работно биле ангажирани 3.222 лица и не влегуваат и вкупната бројка на вработени јавниот сектор.

За ова денеска информираше министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, кој рече дека извештајот го објавува согласно законската обврска. Тој појасни дека податоците од безбедносните служби не можат да бидат детално обработени поради безбедносни причини.

„Бројот на вработени во органите на државната власт во 2019 година изнесувал 16.522 лица, наспроти вкупната бројка, како што рековме 132.900. Тоа значи дека со статус на јавна администрација се овие 16.522 лица. Ова е со други зборови централната власт. Анализата на бројот на вработени во вкупниот јавен сектор по дејност покажува дека најголем процент се во дејноста, образование, односно 32 процента, здравство 18 проценти и во Управата каде што се 15 проценти“, истакна Манчевски.

Министерот информираше дека бројот на вработени во јавниот сектор во 2019 година за разлика од 2018 е зголемен за 832 лица, односно за 0,6 проценти каде се зголемува бројот на висококвалификуван кадар.