„Ова е историски ден за Северна Македонија, за Западен Балкан и за сите земји членки на Алијансата, бидејќи Северна Македонија стана членка на најуспешната Алијанса во историјата.“
Ова во ексклузивно интервју за Радио Слободна Европа го изјави генералниот секретар на НАТО Јанс Столтенберг. Оваа изјава доаѓа откако денеска пред седиштето на НАТО во Брисел на свечена церемонија се развиори македонското знаме заедно со останатите 29-те земји членки на Алијансата. Столтенберг смета дека македонското членството во НАТО ќе придонесе за стабилност во регионот и за меѓународниот мир, но и дека на Северна Македонија ќе и донесе и економски просперитет.
„И со тоа што стоиме заедно ние обезбедуваме мир, целта на НАТО не е да предизвика војна, туку да превенира конфликт, да превенира војна и со правење на тоа ние создаваме стабилност и мир кој е есенцијален за економски просперитет. Ние го видовме тоа, откако Северна Македонија беше поканета во НАТО пред една година, бројот на странските инвестиции порасна, и тоа е модел што го гледаме во многу, многу други земји, дека НАТО членството е важно за економски просперитет“, изјави Столтенбергза РСЕ .
Според него, очекувањата на земјите членки на Алијансата од новиот сојузник е да продолжи со реформите во одбранбениот и безбедносниот сектор.
„Апсолутно сум убеден дека тоа ќе се случи, бидејќи тоа е добро за Северна Македонија и е добро за сите нас, и јас го видов професионализмот на војниците од Северна Македонија кои ги сретнав во Скопје, ги сретнав во Кабул, кога неодамна бев во Авганистан“, вели Столтеберг.
Видете и ова: Славниот момент на Северна Македонија во сенка на коронавирусот
Тој претходно во неговото обраќање на свечената церемонија на кревање на македонското знаме пред седиштето на НАТО во Брисел изјави дека со овој чин и свечено и се посакува добредојде на земјата во Алијансата. Столтенберг ја поздрави и одлуката за почнување на преговори со ЕУ, што според него е знак дека земјата е подготвена да го заземе своето место во евроатланското семејство.
По церемонијата која во живо беше следена во свечената сала во Владата техничкиот премиер Оливер Спасовски изјави дека пристапувањето во НАТО е најголемиот успех на земјата од нејзиното осамостојување.
„Навистина ние денеска водиме една друга битка, битка со коронавирусот, но за момент ќеси дозволиме да се израдуваме, да се запише дека денеска е ден за паметење, ден историја“, рече Спасовски.
Македонското знаме денеска беше кренато и пред седиштето на главната команда во Монс и во командата на НАТО за трансформации во Норфолк, САД, со што се одбележа пристапување на Северна Македонија во НАТО.
Формалната постапка за членството во НАТО официјално се затвори на 27 март по депонирањето на инструментот за пристапување кон Северноатлантскиот договор во Стејт Департментот на САД во Вашингтон, откако претходно сојузниците во НАТО го потпишаа Протоколот за пристапување во Северна Македонија во февруари 2019 година, по што сите 29 национални парламенти гласаа за ратификување на членството на земјава во Алијансата.