Жбогар: Преговарачкиот воз замина од станицата и вие сте во него

Евроамбасадорот Самуел Жбогар

Евроамбасадорот Самуел Жбогар во интервју за МИА изјави дека пред одржувањето на првата меѓувладина конференција Европската комисија ќе подготви нацрт-преговарачка рамка во која ќе биде вградена и новата методологија за проширување на ЕУ. Според него, нацрт-преговрачката рамка треба да биде готова до јуни, а потоа земјите-членки треба да дискутираат, преговараат и да го усвојат документот.

„Откако ова ќе заврши ќе биде закажана првата меѓувладина конференција што го означува почетокот на процесот на преговарање. Сепак, да повторам уште еднаш, земјите-членки одлучија да ги отворат преговорите. Нема враќање назад, преговарачкиот воз замина од станицата и вие сте во него“, вели Жбогар во интервју за МИА.

Лидерите на ЕУ одобрија преговори со Скопје и Тирана

Жбогар смета дека пандемијата на коронавирусот може да го искомплицира процесот и како пример посочува дека процесот траел околу три месеци во случајот со Црна Гора, а многу подолго во случајот со Србија. Во однос на преговорите тој истакнува дека патот кон членството е подеднакво важен како и крајната дестинација.

„Да се навратам на референцата со возот- брзината на возот зависи од два машиновозачи од двете страни. Преговорите ќе се одвиваат онолку брзо колку што вие сте во можност да преговарате, да ги исполнувате барањата и да се реформирате“, смета Жбогар.

Според него, ќе биде потребно дополнително и подлабоко спроведување на реформи за земјата успешно да го спроведе процесот на преговори. Во однос на тоа дали Владата ги презема вистинските чекори во борбата со коронавирусот, Жбогар порачува дека институциите донесуваат навремени одлуки насочени кон забавување на ширењето на вирусот и осигурување дека пандемијата нема да го преоптовари здравствениот систем.