Основното јавно обвинителство Охрид ја истражува смртта на 66 годишната жена од околината на Струга, која е четврта жртва на коронавирусот во земјава. Според соопштението, обвинителството по допрен глас го отворило предметот.
Министерството за здравство вчера информираше дека жената најверојатно се заразила на 13 март кога со нејзиниот сопруг била на гости во Дебар непосредно пред прогласувањето на кризната состојба каде имале контакт со еден од заболените доктори. Според министерството, откако се јавиле првите симптоми кај жената, таа на 24 март закажала тестирање на коронавирус преку својот матичен лекар. Материјал за тестирање бил земен на 26 март, а резултатите пристигнале по еден ден.
„Заради нагло влошената состојба на пациентката, матичниот лекар уште веднаш препорачал хоспитализација на Инфективното одделение во охридската болница, но до добивањето на резултатите вчера, пациентката не е примена во болница. Заради ова, Министерството најавува целосно ревизија на случајот за да се утврди дали има лекарски пропуст во овој случај“, се наведува во соопштението.
Четврта жртва од коронавирусот, се најавува ревизија на случајот
Пациентката, како што наведоа од министерството, имала срцева болест, хронична белодробна болест и покачен крвен притисок. Бројката на заболени се искачи на 241 лице.