Мицкоски со предлог економски мерки до Владата

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција порача дека е сериозно загрижен оти државава е пред прагот на најголемата економска криза од нејзиното осамостојување до денес. Според него, дупката во буџетот која Владата тврди дека е милијарда и 200 милиони евра не е случајно направена. Тој обвини дека Владата целиот буџет недомаќински го концентрирала кон слевање на пари за изборен поткуп.

Мицкоски ѝ подава рака на владата и бара построг полициски час

Мицкоски порача дека освен барањето за заеми од околу 600 милиони евра кои ги најави Владата, вториот чекор кој треба да се направи е благајничките записи да бидат откажани за месеците кои што следат и наместо нив да бидат запишани државни хартии од вредност кои што ќе ги издаде министерството за финансии и ќе имаат рок од еден месец и така секој месец тие ќе се обновуваат и продолжуваат.

Потоа, како што истакна, средствата кои што биле уплаќани во вториот задолжителен приватен пензиски фонд со уредба на Владата да бидат пренаменети и од први април да бидат уплаќани во државниот задолжителен пензиски фонд.

„Еве начин како да обезбедиме дополнителни 35, 36 милијарди денари заедно со оние 600 милиони евра кои што веќе тргнавме во потрага во обезбедување во светот, ќе значи сигурно, надежно и безбедно пребродување на оваа пред се здравствена, а потоа и економска криза. Тоа е планот 1 милијарда и 200 милиони евра кои што веднаш Владата може да го реализира“, рече Мицкоски.