НАТО го зајакнува македонскиот систем во борбата со коронавирусот

НАТО го зајакнува капацитетот на Северна Македонија да се справи со кризата со коронавирус

Северна Македонија го користи системот за командување со инциденти на НАТО – НИЦС, со цел координација на одговорот на кризата предизвикана од Ковид-19, како и да обезбеди јавни информации и совети за справување во реално време, се вели во писменото соопштение од Брисел. Во него е наведено дека минатата година Северна Македонија го усвои системот НИЦС со кој се координираат сите тела во Владата во случај на вонредна состојба.

„Експертите од Центарот за управување со кризи во Северна Македонија сега брзо го адаптираа системот за подобрување на реакцијата на земјата на коронавирусот. НИЦС и обезбедува на јавноста информации во реално време за тековниот статус на пандемијата во нивната област, како и информации за кого да контактира за предмети како што се храна и лекови, “ пишува во соопштението.

Според објаснувањето, овој систем овозможува институциите во земјава меѓу кои и Црвениот крст полесно да комуницираат и да ги координираат активностите со цел поефикасни резултати во вонредна состојба.

Според податоците на интернет страницата во земјава има 219 заразени луѓе со Ковид 19 од кои 134 се од Скопје. Во самоизолација се вкупно 7307 луѓе од кои најмногу во Куманово- 1632 а потоа и во Скопје со вкупен број од 1318 луѓе. Системот нуди и податоци за активностите на институциите меѓу кои и каде да се најдат податоци и локации на пунктови на Црвениот крст, како и телефонските броеви за услѕги за набавка на храна и лекови и психосоцијална помош.