Лидерите на земјите членки на Европската унија денеска на конференцијата која ја одржаа преку видео врска поради пандемијата со коронавирусот, ги потврдија заклучоците на Советот на министри за отворање на преговорите за зачленување во Унијата со Северна Македонија и Албанија.
Ова се наведува во заедничката декларација која беше објавена по состанокот на шефовите на држави и влади на земјите членки на ЕУ. Во заклучоците на Советот на министри, кои вечерва ги поддржа и највиското европско тело, се наведува дека Европската комисија, без одложување, ќе поднесе предлог за преговарачката рамка, а првата меѓувладина конференција треба биде свикана без одложување, веднаш по усвојувањето на рамката.
Албанија, пак, треба да исполни низа услови пред одржувањето на меѓувладината конференција со која се обележува отворањето на првото поглавје во преговарачкиот процес. Тирана треба да ги спроведе реформите во изборниот законик и правосудството, да обезбеди непречено функционирање на Уставниот и Вишиот суд и да обезбеди транспаретно финансирање на политичките партии.
И еврокомесарот за проширување Оливер Вархеј на својот профил на социјалната мрежа Твитер ја објави одлуката, која ја поздрави и американскиот државен секретар Мајк Помпео кој напиша дека Соединетите Американски Држави остануваат партнер на секој чекор од патот.
Инаку Скопје чека на отворање на преговорите од 2009 година, а Тирана од 2018 година. Во октомври минатата година Франција ја блокираше позитивна одлука за отворање на преговорите со двете земји, со барање за нов пристап на ЕУ за преговори со земјите-кандидатки за членство што подоцна беше усвоено.