Владата на денешната седница го утврди појаснувањето на одлуката за забраната на движење за време на викендите, поточно од овие одлуки и мерки ги исклучи земјоделците што одгледуваат раноградинарски култури и имаат неодложни активности во овој период.
„На оваа седница во врска со Одлуката за проширувањето на забраната за движење за време на викенд деновите во сабота и недела од 16:00 часот до 05:00 часот, е утврдено појаснување за ова ограничување, кое се однесува на земјоделците заради интензивирање на сезоната на земјоделски работи, особено во градинарските култури“, соопшти владината прес-служба.
Дополнително, оние земјоделци, фармери, сточари и други земјоделски работници кои преку подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе се пријават за добивање на дозволи за движење, ќе има бидат издаденни од МЗШВ преку Министерството за информатичко општество и администрација.
За ова, како што се појаснува во соопштението, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство треба соодветно да го информира земјоделскиот сектор.
Владата претходно одлучи да го прошири полицискиот час кој во работните денови трае од 21 часот до пет утрината, за викенд да биде од 16 часот до пет утрото. Дополнително, граѓаните над 67 години не смеат да се движат по 11 часот преку ден, а младите до 18 години пред 12 часот напладне.
Забраната за движење од 21 часот важи за сите возрасни групи. Владата објаснува дека овие забрани ги воведува во обид да го спречи ширењето на коронавирусот. До денеска во Македонија има 201 заболен од овој вирус, најмногу во Скопје, тројца починаа, а тројца се излекувани.