Почина нова пациентка заболена од коронавирусот, соопшти вечерва министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција во Владата. Станува збор за 66-годишната пациентка од Дебар која подолго време беше на респираторни апарати, а примала терапија поради хронична хипертензија.
Во изминатите 24 часа регистрирани се 29 нови случаи дијагностицирани со коронавирус во земјата, со што вкупната бројка на заболени од Ковид-19 се 177 лица, а досега се тестирани над 1.000 лица.
Поради поголема заштита на населението од ширење на вирусот, Владата вечерва воведе дополнителни рестрикции на движење за време на викенд, како што потврди и премиерот Оливер Спасовски.
„Се забранува движењето на сите граѓани за време на викенд (сабота и недела) од 16 часот до 05 часот. Остануваат на сила и сите други претходно донесени забрани“, напиша Спасовски на Фејсбук.
Од новозаболените, во Скопје се регистрирани 20 нови случаи, во Куманово и во Велес по три, во Прилеп два и еден во Дебар. Велес и Прилеп се новите градови каде се регистрирани заболени од Ковид-19.
„Од 29 нови случаи, пет лица се од кожната клиника кои после 16 дена поминати во изолација, без никакви симптоми на контролните тестови, со оглед дека беше поминат инкубациониот период, тие имаат позитивен резултат“, изјави Филипче.
Тој наведе дека тие ќе продолжат да бидат во самоизолација, според тоа бидејќи од групата од 30 лица од кожната клиника пет се позитивни, и тие во следниве денови ќе продолжат да бидат тестирани, нешто што ќе заврши во следните четири до пет дена.
Во однос на дијагностиката министерот за здравство наведе оти „е добро што во многу рана фаза се откриваат дел од новодијагностицираните“, додавајќи оти тоа значи дека здравствениот систем може да ја амортизира бројката на пациенти.
Тој смета дека од епидемиолошка перспектива, но и во смисла на терапија, да се открие пациент да е носител на вирус, а да нема никакви симптоми, е добро поради тоа што се преземаат дополнителни мерки и „може да се подготвуваат за соодветна терапија.“ Ги анализираме искуствата во сите земји во светот, рече Филипче.
„Сметаме дека со овој начин на пристап, со детални епидемиолошки анкети, со тестирање, тогаш кога ќе помине инкубацискиот период, со апели дека мерките на самоизолација, почитување на прекинот на социјалните контакти, дека е тоа најдобро што во моментов може и треба да се направи во нашата земја“, рече Филипче.
На новинарски прашања за ширењето на болеста, министерот рече дека претпоставката на лекарите е оти заразата најмногу се шири преку капличен пат и преку нечисти раце и порача граѓаните да се придржуваат на препораките, да се држи дистанца и да се мијат рацете.
Во однос на терапијата тој посочи дека се завршени сите постапки, дека двајца пациенти се ставени на терапија, но дека треба да се направи кардиолошка анализа поради контраиндикации.
Тој апелираше до сите граѓани да не ја земаат терапија со азитромицин и хлоракинин на своја рака, бидејќи лековите се даваат после детални кардиолошки испитувања.
„Луѓето да не купуваат на своја рака, бидејќи треба терапијата да ја даде лекар специјалист. Треба да се утврди на која група пациенти ќе се дава терапијата“, рече Филипче додавајќи дека терапијата ќе се дава во болнички услови и ќе се организира транспорт за оние кои се во домашна изолација.
Тој исто така најави дека во следните неколку денови ќе излезат со детална статистика во врска со состојбата на Ковид-19 во земјата и дека во моментов се работи на анализа во кои општини се наоѓаат заболените.
Кронавирусот Ковид-19, кој се прошири во 170 држави во светот, за прв пат се појави на крајот на 2019 година во кинескиот град Вухан.
Од последиците на Ковид-19, болеста која ја предизвикува вирусот, во светот досега починаа повеќе од 19.500 луѓе.