Двајца доктори и една медицинска сестра во болницата во Куманово се заразени со коронавирус, соопшти министерот за здравство, Венко Филипче. И двајцата имале контакт со пациентката која почина од вирусот.
Филипче информираше дека се земени 63 брисеви за тестирање меѓу кои медицински персонал од кумановската болница и членовите на семејството на заболените здравствени работници, а согласно резултатите ќе се направи план за работата на болницата.
Тој соопшти дека е донесена одлука за целосно укинување на меѓуградскиот превоз меѓу Куманово и останатите градови, а се укинува и градскиот превоз во Куманово. Донесена е и одлука за затворање на продавниците во трговските центри во Куманово.
Тој најави дека утре на седница на Комисијата за заразни болести ќе се разговара за моделирање на начинот на движење за време на викендот.
Во изминатите 24 часа се регистрирани 12 нови случаи на коронавирус во земјава. Од нив, 7 се од Скопје и 5 од Куманово. Со ова вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 денеска до 12.00 часот изнесува 148 лица од кои 1 излекуван и 2 починати пациенти.