Истражување - Светот стравува од Ковид -19

Мерки за заштита и дезинфекција заради коронавирус.

Огромно мнозинство од луѓето во светот се исплашени од Ковид-19, во Македонија 63 отсто стравуваат од можна инфекција, покажало истражувањето што го спроведе Галуп Интернешнл Асосиејшн.

Мнозинството од луѓето изразуваат загриженост за себе и за своите најблиски во врска со коронавирусот. Три четвртини велат дека се дури и подготвени да жртвуваат некои од нивните човекови права доколку тоа би помогнало во справување со вирусот. Повеќето земји стојат зад
своите влади во оваа битка. Но, во исто време, сепак, скоро половина се согласуваат дека заканата од коронавирус може е претерана. Ова се резултати од анкетата што ја спроведе Галуп Интернешнл Асосиејшн Gallup International Association (GIA) за ситуацијата со ширењето на „КОВИД-19“, во која учествуваа повеќе од 25.000 луѓе во 28 земји низ целиот свет, меѓу кои и Македонија, каде анкетата е спроведена од БРИМА, македонската члена на GIA.

Резултатите од Македонија, не отстапуваат многу од вкупниот просек, анксиозноста од можноста за инфекција од овој вирус е присутна кај мнозинство од анкетирани 63 отсто, наспроти 36 проценти кои покажуваат смиреност.

Мнозинство од граѓаните (65 проценти) во земјава искажуваат одобрување за досега преземените владини мерки, наспроти 29 отсто кои не се согласуваат како владата се справува со епидемијата.

Австријците се најзадоволни од реакцијата на нивните државни органи.

Балканските народи се оние кои претежно сметаат дека опасноста е претерана – вкупно 73 отсто мислат така во БиХ, Македонија и Бугарија. Додека, Французите, Холанѓаните, Австријците, Италијанците,
итн. имаат спротивен став – со над 70 отсто мнозинство кое не наоѓа никакво претерување.

Верувајќи во заканата или не, поголемиот дел од луѓето изразуваат јасна подготвеност дури и привремено да жртвуваат некои од нивните човекови права, доколку тоа би помогнало во
спречување на ширење на вирусот.