Министерот за здравство Венко Филипче денеска соопшти дека во земјава е регистриран прв смртен случај на коронавирус. Се работи за 57 годишна жена од Куманово, која како што рече министерот, во локалната болница била третирана според протоколите. И биле направени два теста за коронавирус кои биле негативни, а откако вчера починала, посмртно и бил направен тест кој бил позитивен на коронавирусот. Филипче објасни дека лекарите одлучиле да и земат посмртно брис за тест за коронавирусот откако нагло и се влошила состојбата што било типично за овој вирус. Хоспитализиран е и нејзиниот син, на кого откако вчера му се влошила состојбата, бил префрлен на Инфективата клиника во Скопје по што состојбата му се стабилизирала.
Инаку според последните информации во изминатото деноноќие се регистрирани 29 нови случаи на коронавирус во земјата и со ова бројката на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 изнесува 114. Министерот денеска повторно апелираше да се почитуваат мерките за самоизолација и најави дека е можна одлука за дополнително ограничување на движењето на повозрасните лица кои се сметаат за позагрозени од коронавирусот. Од вчера во Македонија е прогласен полициски час со кој е забраенето движењето од 21 часот до шест часот наутро.