Мицкоски ѝ подава рака на владата и бара построг полициски час

Архивска фотографија- Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска преку отворено писмо до јавноста наведува дека и подаваат рака на власта и потенцира дека во нив имаат пријател, но изнесува и низа критики за начинот на кој владата се справува со пандемијата од коронавирусот.

„Сликата на министерот со медицински голорак и незаштитен здравствен тим е сликата за македонското здравство и начинот на кој се работи во Македонија. Докторите се пуштени да се справуваат со пандемија незаштитени, небезбедни, под ризик за својот живот ама пр-от на министерот е важен, а стикерите на Филипче во стилот на супермен поважни. Филипче е далеку од супермен, можеби бизнисмен, ама повеќе е портпарол во време кога треба да биде само министер“, наведува Мицкоски.

Откако Владата вчера воведе полициски час кој почнува од денеска и со кој е забрането движење на граѓаните од 21 часот до 6 утрото, Мицкоски бара тој да биде построг.

„Потребно е воведување на построг полициски час, најмалку од 18 часот за да има суштина со него и се направи ред, час поскоро. Мора за миг да се испразнат улиците за да се скенира состојбата“, наведува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој бара и протокол на правење на тестови за сомнителни од коронавирусот и тие да бидат целосно бесплатни во државното и приватното здравство, подобри мерки во економијата која е погодена од вирусот, државата да покрие 50% од сите трошоци за вработените, плати и придонеси, да се замрзнат плаќањата на рати кон банките и заемодавателите и други.

„И сакам нешто да истакнам до Заев и Спасовски, независно што јас и ВМРО-ДПМНЕ ги предлагаме овие мерки, прифатете ги што побрзо, прифатете ги за доброто на државата и сите наши граѓани. Прифатете ги, а јас ќе се откажам од сите политички ловорики кои вам ќе ви ги отстапам“, наведува Мицкоски.

Според последните податоци од Министерството за здравство, вчера до 12 часот во Македонија има вкупно 85 лица заболени од коронавирус, кои според местото на постојано живеење, се регистрирани во шест градови: Скопје, Дебар, Штип, Кавадарци, Гостивар и Охрид.