Факултетите од државните и од приватните универзитети во земјава, а поради ситуацијата со коронавирусот, од понеделник треба да организираат онлајн настава за студентите, соопшти министерот за образование и наука Арбер Адеми, по денешната средба со ректорот на УКИМ и претставник на сите државни универзитети, Никола Јанкуловски, и со Томе Неновски, претседател на Конференцијата на приватни високообразовни установи.
По состанокот тие информираа дека универзитетите се информатички и технички опремени и професорите се подготвени да придонесат за организирање настава на далечина за студентите. Олеснителна околност, според Адеми, е што, за разлика од основците од пониските одделенија, овде се работи за студенти кои се вешти во користењето на ИТ-уреди и едукативни алатки и апликации.