Македонскиот народен театар со убава, иако изнудена новина за својата публика и воопшто за сите оние кои деновиве не можат да уживаат во магијата на театарската игра. Од оваа среда, 18 март, и се така до 24 овој месец, на својот интернет канал ќе прикаже пет театарски претстави.
За оваа намена одбрани се пет претстави.
„Сомнително лице“ од Бранислав Нушиќ во режија на Синиша Ефтимов, со Александар Микиќ, Оливер Митковски, Софија Насевска Трифуновска и Никола Ристановски во главните улоги.
„Изгубени Германци“ по текст на Дејан Дуковски и во режија на Слободан Унковски, претстава во која настапуваат Камка Тоциновски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Ѕвезда Ангеловска, Јовица Михајловски, Јордан Симеонов и други.
Битово-социјалната драма „Парите се отепувачка“ од Ристо Крле во режија на Бојан Трифуновски со актерска игра на Гораст Цветковски, Николина Кујача, Славиша Каевски и Софиа Насевска Трифуновска.
„Да тргнеме Сењор“ по текст на Ана Ристоска, во режија на Нела Витошевиќ (со глумци како Игор Ангелов, Драгана Костадиновска, Дениз Абдула, Ивица Димитријевиќ...) и конечно спектаклот „Мајсторот и Маргарита“ од Михаил Булгаков во режија на Иван Поповски.
Сцена од претставата „Парите се отепувачка“
„Театарот скоро трета недела од оправдани причини е затворен за публиката. Затоа дојдовме на идеја дека ако ве ќе публиката не може да дојде кај нас, тогаш би било убаво МНТ на некој начин да и се приближи. И ова беше најсоодветниот начин – да ги прикажеме некои претстави кои од разни причини веќе се симнати од репертоар а беа доста популарни и доста посетени. Едноставно да ја потсетиме публиката на вистинските вредности. Згора на тоа има доста луѓе, љубители на оваа уметност кои од разни причини не успеале да ги гледаат тие претстави додека беа на репертоар и ете да се вклучиме во целата таа акција во мотивирање на сите наши граѓани да седат дома, а од друга страна да им ги збогатиме содржините“, вели Симона Угриновска, директор на Н.У. Македонски народен театар.
Сцена од спектаклот „Мајсторот и Маргарита“
Угриновска дополнува дека согласно условите тие се подготвени покрај споменативе да понудат и избор на други претстави кои како сведоштва за историјата на македонскиот театар ги чуваат во МНТ.
„Не значи дека ќе останеме само на пет претстави. Ние се придржуваме до препораките и до мерките на Министерството за здравство и на Владата кои што важат до 24 март. Ќе видиме колку во меѓувреме тие ќе се менуваат и така ќе реагираме. Можеби и ќе продолжиме со емитување на претстави. Дај Боже сè да биде во ред па да си ги отвориме вратите за публиката од Салонот да ги следи претставите“, истакнува таа.
Видете и ова: Културата во „самоизолација“... или во „карантин“Во овој контекст Симона Угриновска со појаснување дека тие долго се подготвувале на 3 април со низа настани да го одбележат и големиот јубилеј – 75 години од Македонскиот народен театар, но дека тоа се чини сега, во вакви околности, нема да биде возможно.
„Ние бевме и сме во фаза на подготовка на нова претстава па сакавме како премиера да оди токму на 3 април во рамките на одбележување на јубилејот 75 години МНТ, меѓутоа, велам, пробите се стопирани и сега во овој момент не знаеме како ќе го одбележиме тој значаен, историски ден. Секако нема да може на начин на којшто ни беше планирано. За тоа јавноста ќе биде дополнително известена. Заедно со Уметничкиот совет правиме планови како сето тоа да го изведеме и датумот да биде одбележан онака како што доликува“, смета директорката.