Северна Македонија треба безусловно да ги отпочне пристапните преговори за членство во ЕУ, односно по донесувањето на Законот за Јавно обвинителство не постојат никакви пречки за почеток на преговорите, истакнал холандскиот министер за надворешни работи, Стеф Блок, во телефонски разговор со шефот на дипломатијата Никола Димитров, соопшти денеска македонското МНР.
Димитров и Блок разговарале синоќа, а во врска со претстојниот Совет за општи работи на ЕУ, којшто е предвиден да се одржи на 24 март, а на кој ќе се разгледува донесување на одлуката за отпочнување на пристапни преговори со Северна Македонија и со Албанија.
Како што соопшти МНР, Блок го информирал Димитров дека во писмото до холандскиот Парламент, холандската Влада ги споделува наодите на Европската комисија дека Владата на Северна Македонија продолжи да испорачува опипливи и одржливи резултати во однос на условите поставени од Советот на ЕУ во јуни 2018 година.
„Министерот Димитров од своја страна ја реафирмираше заложбата на нашата земја за продолжување на зацртаниот реформски пат во однос на евроинтеграциите, а беа разменети и информации и за мерките против коронавирусот и ситуацијата на границите низ Европа“, стои во соопштението од МНР.