Чулев - Армијата да го презеде обезбедувањето на границата за да се ослободи граничната полиција

Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев

На вечерашната владина седница МВР ќе предложи превентивни мерки за здравјето и безбедноста на граѓаните, напиша министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на својот официјален Фејсбук профил. Тој напиша дека една од мерките што ќе ја предложи е Управните служби да работат со променето работно време, односно во Скопје од 7:30 – 18:00, а во останатите градови од 7.30-16.30. Одлуката, како пишува Чулев, ја предлагаат врз основа на анализата на посетеност во изминатите денови.

Тој предлага автошколите и Испитните центри да не работат.

„Армијата целосно да го преземе обезбедувањето на зелената граница и тоа на подрачјето на ПС за граничен надзор Блато и ПС за граничен премин и надзор Џепчиште, со цел полициските службеници од Граничната полиција да се стават во функција на граѓаните од регионот каде е прогласена кризна состојба“, пишува Чулев на фејсбук.

Се предлага ресурсите на јавните претпријатија, пред се во делот на теренски возила, да се стават на располагање на Министерството за внатрешни работи. Исто така ќе се предложи на сите гранични премини, вклучувајќи го и скопскиот аеродром, на сите лица кои влегуваат во нашата држава да им биде врачена наредба и формулар за изјава за самоизолација.