ВМРО-ДПМНЕ предлага итен пакет антикризни мерки

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска порача дека е неопходно прогласување на кризна состојба кај нас за да може да се преземат итни и неодложни мерки.Тој на прес-конференцијата пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ рече дека состојбата со справување со коронавирусот бара максимално ангажирање на сите стручни и кадровски потенцијали, но и посветеност од сите одговорни субјекти.

„Не е сега времето за меѓусебни пресметки или добивање на ситни политички поени. Мораме да бидеме свесни за неколку работи. Реалноста налага да се предочи дека имаме сериозен предизвик за заштита на здравјето на граѓаните и ни престои голема економска криза“, рече Мицкоски.

Тој додаде оти треба брзо да се реагира за заштита на бизнисот, стандардот на граѓаните и целата економија.Предложи итно замрзнување на обврските на компаниите кон државата, чија што работа е погодена со настанатата ситуација со коронавирусот за месец март, замрзнување на обврските на компаниите кон банките и заемодаваталите за месец март, чија што работа е погодена со состојбата на коронавирусот, како и државата да ги плати трошоците за вработените во компаниите погодени од состојбата со коронавирусот во висина од 50-тина проценти.

Во делот на здравјето на граѓаните, Мицкоски предлага да се спроведе итна национална набавка на антисептични средства, Владата да обезбеди бесплатни маски и ракавици за граѓаните и да се формира стручно тело, од посебен тим на експерти, засилено од постојните државни институции кои ќе прават строга контрола на евентуалните злоупотреби на дефинирање на високи цени за продажба на маски, антисептични средства и други потреби во врска со оваа состојба.