Европа стана „епицентар“ на пандемијата од коронавирус, предупреди вечерва Светската здравствена организација и ги повика сите земји да го „откријат, изолираат, тестираат и да го лечат секој случај“.
„Европа моментално се наоѓа во епицентарот на пандемијата на КОВИД-19“, изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус и додаде дека на дневно ниво во Европа се регистрираат повеќе нови случаи отколку што беше случај во Кина во екот на епидемијата.
Претставниците на таа организација наведоа дека е невозможно да се утврди врвот на пандемијата на вирусот во светот.
„Тоа ќе зависи од реакцијата на земјите кон првиот случај и дали имаат поагресивен настап“ за спречување на ширењето на заразата, изјави една претставничка на СЗО.
Во Италија во изминатите 24 часа беа регистрирани 250 смртни случаи, што е најмногу досега, соопшти Цивилната заштита во земјата.
Италија е најпогодена земја после Кина.
Во светот има 134 илјади заразени со коронавирусот, а над 5000 починаа.