Човекот го забрзува стареењето на Преспанското Езеро

Моменталната состојба на Преспанско Езеро покажува дека глобалното затоплување не го одмина преспанскиот регион.

Сушните есен и зима, без дождови и снег, како и влијанието на субјективниот фактор го намалуваат нивото на водата на Преспанското Езеро, со кое стопанисуваат Македонија, Албанија и Грција, што претставува закана за целиот еколошки систем. Преспанчани бараат помош од оние кои можат да помогнат: државата, научниците, граѓаните, активистите. Но каква е грижата и политиката за користењето на езерските ресурси, дали таа е во сообразност со климатските промени и постојат ли информации за количеството на експлоатацијата на водите од земјоделството?

Преспанското Езеро одамна не било толку повлечено, преспанчани постојано алармираат и велат дека актуелниот сушен период и наводнувањето на овошните засади предизвикуваат драматична осека на езерото.

И во право се, глетката навистина е тажна! Езерото е истенчено, крајбрежјето е со загубена убавина, треба храбро да се заглиби во калта за стигне до водата.

Преспанското Езеро е старо над пет милиони години. Тоа е еден од најстарите слатководни еколошки системи, дом на илјадници видови животни и растенија.

Но, овој уникатен еколошки систем сега е под ризик од изумирање и перманентно труење. Водата се повлекува од сушата како резултат на климатските промени кои го земаат својот данок, но езерото е намалено и од експлоатација на водата, главно од страна на земјоделските домаќинства во целиот Преспански регион, кој е во сопственост на три држави.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Преспанско Езеро се повлекува, сушата зема данок, но одговорни се и земјоделците

Во регионот живеат 16.825 луѓе во 5.848 домаќинства, според податоците на УНДП, од кои високи 70 проценти се занимаваат со земјоделство.

Јаболките се најзастапена култура, за чие одгледување земјоделците употребуваат хемикалии. Сепак резултатите од истражувањата не им одат во прилог, а бројките зборуваат за користење на десетици тони пестициди на годишно ниво.

Тоа го потврдуваат истражувањата на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Според нив, во Преспанскиот регион секоја година за земјоделството се користат над 65 тони пестициди.

Нивната употреба е закана за овој еколошки систем со уникатност од глобално значење. Преспа е живеалиште на околу 2.000 видови животни и растенија: над 200 видови птици и 23 видови риби, од кои 9 се автохтони, како што потврдуваат официјалните научни истражувања.

Езерото се полни со вода од снегот и дождовите кои, пак, ги полнат водите во реките на најголемите планини, Галичица и Баба, а тие потоа се влеваат во Преспанското Езеро. Оваа сезона снег на нив речиси и да нема. Тоа покажува дека глобалното затоплување не го одмина Преспанскиот регион.

Во месец март, во годините кога езерото е во својата најдобра форма, водите на овој бисер на природата ги заплискува подножјата на Галичица и Пелистер, додека отсјајот од нивните снежни белини го комплетираат восхитувачкиот пејзаж.

За тие времиња ни раскажа Митко Тасевски - жител на селото Коњско. Во своите скоро 70-години, тој памети оти планините во овој период биле целосно бели, а одредени години тоа траело дури до месец мај.

„Оваа и минатата година има многу малку снег и дожд, за разлика од претходните. Снегот го нема, планините зад мене се, да не речам, црни и затоа приливот на вода во езерото е намален“, вели Тасевски.

Преспанско Езеро.

Постојан пад на нивото на водите

Сушниот период во земјава е продолжен, дожд и снег немаше ниту во таканаречената влажна сезона, која вообичаено трае од октомври до март.

Така нивото на водата во Преспанското Езеро сега е намалено за 4 метри и 90 сантиметри, според официјалните мерења на Мониторинг станицата за испитување на квалитетот на водите во селото Стење.

„Генерално, состојбата што денеска ја забележувате на терен покажува дека Преспанското Езеро навистина е ранливо, од аспект на тоа дека климатските промени и човечките влијанија се евидентни во негативното влијание на целокупната вредност на езерото“, вели Ајман Ал Малла од Секторот за животна средина на Општина Ресен.

Властите во Општина Ресен состојбата на Преспанското Езеро ја следат во Мониторинг станицата за испитување на квалитетот на водите во селото Стење. Таа е отворена во 2015 година со поддршка на УНДП и со швајцарска помош. Во неа има лаборатории за истражување и заштита на еколошката слика на езерото, но и услови за сместување на различни истражувачки групи.

Од историски аспект, нивото на водата во Преспанското Езеро е во постојан пад од средината на минатиот век, со особено намалување во периодот од 1987 до 1995 година, според податоците на Управата за хидрометеролошки работи која мерењата ги врши од 1951 година.

„До сега се покажало дека значителни зголемувања и намалувања на волуменот на езерото се главно резултат на кумулативната перцепција (град, дожд или снег) за време на т.н. „влажна сезона“. Од друга страна, пак, езерската вода е искористувана директно за наводнување, како и преку бунари во трите држави уште од 50-тите години на минатиот век“, велат истражувачите од граѓанската организација Македонско еколошко друштво (МЕД).

Интересно е дека според сеќавањата на надлежните во Мониторинг станицата во Стење, нивото на езерото во 50-тите и 60-тите години било повисоко повеќе од десет метри во споредба со сегашната состојба. Но, потенцираат дека тогаш имало периоди на големи поплави.

Мерења од 1951-2004 година од УХМР за нивото на водата во Преспанското Езеро. Извор: МЕД.

Човекот го забрзува стареењето на езерото

Ставот на МЕД за сегашната состојба на езерото укажува дека иако климата е значителен фактор за неговата состојба, тој не е и единствен.

„Водата која што се користи за наводнување секако нема позитивно влијание на нивото на езерото, меѓутоа ние не знаеме ни колку бунари постојат во регионот, така што не можеме да процениме колкав е уделот на тоа отстранување на вода во намалувањето на количеството на вода во езерото.“, вели Драган Арсовски – биолог од Македонско еколошко друштво.

Недостатокот на податоци за употребувањето на водите, и користењето на над 65 тони пестициди за земјоделството не се единствените проблеми, Податоците од истражувањата на УНДП покажуваат дека во регионот се фрла и над 10.000 тони биоразградлив отпад.

Исто така се вели дека домаќинствата и земјоделството испуштаат над 500 тони фосфор, но сепак како најголема закана за целиот екосистем во Преспанскиот регион е посочена еутрофикацијата, како што покажале наодите на УНДП.

Еутрофикација е процес на збогатување на водите со хранливи материи кои содржат азот и фосфор, каков што е случајот во Преспа. Тие го забрзуваат растењето на штетни алги во езерето кои влијаат врз балансот на екосистемот, а нивната распространетост е еден од најголемите негативни ефекти кои предизвикуваат изумирање на рибите и исчезнување на биодиверзитетот, покажуваат податоците на УНДП.

„Еутрофикацијата и загадувањето на езерото имаат повеќе влијанија врз клучните сектори, како туризмот, водата и рибарството, кои влијаат врз социо-економската благосостојба на локалното население“, се вели во истражувањето на УНДП.

Арсовски се согласува дека всушност најголемиот негативен ефект е додавањето на штетни материи во езерото, како пестицидите. Тие, како што вели, допринесуваат за еутрофикацијата, објаснувајќи дека тоа значи забрзано стареење на езерото.

„Еутрофикација, тоа е процес на природно стареење на езерото и значи со текот на времето како се таложи органска материја на дното, тоа оплитнува, се таложи седимент и тиња. Меѓутоа со нашето додавање на хранливи материи и пестициди, ние значително, драстично го забрзуваме овој процес, а тоа е нешто што не го гледаме, а случува континуирано од година на година и всушност, можеби тоа е факторот на којшто најмногу треба да обрнеме внимание“, вели Арсовски.

Ваквото загадување на Преспанското Езеро се случува и преку реките кои во него се влеваат. Според наодите на УНДП, Голема Река е најголемата и најзагадена притока на езерото, најмногу од отпадните води на домаќинствата, индустриско загадување од одгледување живина, обработка на метал и храна, производство на хемикалии, депонии со нелегално отстранет отпад, дренажа на атмосферска вода од урбани и индустриски области.

Преспанско Езеро.

Кои се решенијата?

Водите на Преспанското Езеро се во сопственост на Македонија, Грција и Албанија. За повлекувањето на водата неодамна алармираше Општина Ресен, по што беше одржана седница во македонското Министерство за животна средина и просторно планирање.

Министри, претставници на локалната власт, експерти и граѓански организации разговараа за губењето на водите. Тие утврдиле дека главен фактори се временските прилики и наводнувањето на овошните површини, но и дека проблемот е меѓудржавен и Министерството за животна средина треба да формира работна група која ќе бара решенија.

„Уште на самиот почеток беше договорено дека таа работна група мора да има претставници и од соседните држави, од Грција и од Албанија. Министерството веќе контактира со надлежните институции во соседните земји, меѓутоа до составувањето на таа група ние мора да излеземе со некои прелиминарни согледувања од наша страна, да ја екипираме таа група“, вели градоначалникот на Општина Ресен Живко Гошаревски.

Државата најавува грижа за зачувување на овој природен ресурс. Но, сепак, веќе постојат предлози за обновување на Преспанското Езеро. Такви има во истражувањето на УНДП, каде е наведена потребата за намалување на употребата на токсичните супстанци.

Укажано е исто така на потребата за регенерирање на крајбрежната вегетација, преку задржување од 65 до 90 проценти на хранливите материи.

Потребно е да се обноват мочуриштата и да се создадат нови. Тие ќе бидат живеалишта на одредени видови, а ќе имаат рекреативни и естетски вредности, велат научниците.

Посочено е дека загадувањето на водите на Голема Река треба да се спречи преку третман на отпадните води од домаќинствата во прочистителна станица, да се обезбеди контрола во случај на поплави и да се задржат нетретираните отпадни води во случај на големо хидраулично оптоварување.

„Долгорочните придобивки за луѓето ќе бидат еколошката реставрација. Подобрениот хидролошки режим ќе резултира со чисти водни резерви, производство на биомаса (компостирање и гориво), подобри можности за туризам, вработување (зелени работни места) и придобивки за човековото здравје“, велат од УНДП.

Ал Малла вели дека треба да се оди кон адаптација на климатските промени, токму поради осетливоста на водите и земјоделството карактеристично за нивното подрачје, но се согласува и оти мора да се намалат негативните влијанија на домаќинствата и земјоделството.

„Од аспект на истекувањето, дали е кон Охридското Езеро, Албанија или Грција, навистина во моментот ни требаат сериозни анализи за да ги потврдиме тие податоци. Тие анализи мора да бидат поттикнати од научно-истражувачките работи, што во моментот навистина работиме да ги реализираме на високо ниво“, вели Ал Малла.

Крикот на Преспанското езеро е сериозен, тој е упатен до оние кои можат да му помогнат: државата, научниците, граѓаните, активистите. Но дали ќе допре до нив, да биде направена сериозна програма за заштита на езерото, да се следат светските чекори во борба против климатските промени и да се убеди јавноста да дејствува со поголема свест.