Владата и бизнис секторот заеднички ќе ги решаваат економските проблеми од коронавирусот

Работнички шивачки во текстилна индустрија

Владата и бизнис секторот заеднички ќе се справуваат со проблемите од коронавирусот, било договорено на денешната средба меѓу владиниот врв и претставници на стопанските комори во земјата. Владината служба соопшти дека на средбата било заклучено оти ширењето на коронавирусот е заеднички проблем, кој заеднички треба да се решава. Власта и бизнис заедницата ќе продолжат да комуницираат, а Владата ќе излезе во пресрет на реалните потреби за поддршка во одредени сектори доколку за тоа има потреба.

Вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска информира дека е во постојана комуникацијата со претставниците на бизнис секторот во земјата и веќе е разговарано за реорганизација на производствените процеси и воведување нови смени доколку е потребно.

„Ги повикуваме компаниите што имаат можност да ја организираат својата работа од дома и со тоа да го спречат ширењето на корона вирусот“, рече Царовска.