Партиите ги објавија кандидатските листи за изборите кои треба да се одржат на 12 април. Најголем дел од предложените кандидати се непознати за пошироката јавност, но дел од познатите беа изненадување. Поранешни вмровски пратеници на листите на СДСМ, поранешни сдсмовци на листите на ВМРО-ДПМНЕ. Изборите во време на корона очигледно се поволна клима за гулабите вртачи.
Во првата изборна единица се соочуваат „вмровскиот син“ на страна на СДСМ и поранешната „Бранкова министерка“ на страна на ВМРО-ДПМНЕ. Имено, Никола Димитров е син на поранешната пратеничка Ратка Димитрова и на поранешниот министер за култура Димитар Димитров, и двајцата од ВМРО-ДПМНЕ. Гордана Сиљановска – Давкова, пак, беше министерка без ресор во првата влада на Бранко Црвенковски од 1992 година.
Панчо Минов, кој до пред неколку години, на митинзи велеше дека лидерот на СДСМ Зоран Заев „не го бива“ сега е на кандидатските листи на СДСМ. Тој досега три пати бил избиран за пратеник – во 1991 година како дел од Сојузот на реформски сили, во 1994 од Либерално – демократската партија и во 2016 од ГРОМ, за сега да е кандидат на СДСМ. Во меѓувреме, во два мандати беше градоначалник на Кавадарци. Луѓето на социјалните мрежи потсетуваат на изјавите на Минов од кампањата на минатите избори.
Најголемите две партии ,исто така, направија и „бошњачка трампа“. Пратеникот Зеќир Рамчиловиќ, еден од осумтемина кои се отцепија од ВМРО-ДПМНЕ, кој беше и член на Извршниот комитет на партија, сега е на кандидатските листи на СДСМ, додека Сафет Бишевац, кој во 2011 година стана пратеник како кандидат на СДСМ, сега е на листите на ВМРО-ДПМНЕ.
На едни им пречат постапките на ВМРО-ДПМНЕ, на други на СДСМ. Партиските активисти, пак, ги посочуваат маните само на другиот. Трети, пак, само „боцкаат“.
Други, пак, рационализираат.
Некои, пак, се сомневаат дека дури и Сафет Бишевац и Панчо Минов би биле доволна мотивација луѓето да излезат на гласање во време на коронаворус.