КИФ: Коронавирусот опасен и за економијата

Архивска фотографија - Бранко Азески, претседател на Стопанска комора на Северна Македонија

Ако не се справиме со коронавирусот, несогледливи ќе бидат последиците по бизнисот, а може да дојде и до парализа на целокупната економија. Коронавирусот не е само прашање на здравството, туку и на владеење на правото, на политиката, инфраструктурата, сообраќајот, легислативата, бирократизацијата, порачаа денеска претседателите на стопанските комори на Македонија, Албанија, Косово, БиХ, Црна Гора и Србија.

Тие денеска на седницата на Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), истакнаа дека штетите се веќе евидентни. Ситуацијата постојано се следи. Особено загрижува проширувањето на вирусот во земјите – партнери со оглед дека околу 80 отсто од извозот оди во ЕУ.

Падот на економските активности во Европа се планирани на 3,4 отсто, а тоа, според бизнисот, ќе се одрази на сите национални економии.

„Се ова што го работиме ќе биде помножено со нула ако не сме во состојба да ги регулираме и другите односи со кои се соочуваме секој ден: заштита на животната средина, инфраструктура, владеење на правото“, рече претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески.

Според претседателот на Стопанската комора на Црна Гора, Властимир Голубовиќ, откажани се влезовите на крузерите, но хотелските аранжмани за летово не се откажуваат.