Коронавирусот го „заслепи светот“

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Коронавирус – цела Италија во карантин, Трамп најави мерки

Со ставањето на цела земја во карантин, Италија јасно покажа како епидемијата на коронавирус се шири во светот. Дури и американскиот претседател Доналд Трамп, кој е скептичен во врска со коронавирусот, најави мерки за справување со последиците од новото заболување.

„Вистинската одлука денес е да се остане дома“.

Италијанскиот премиер Џузепе Конте во понеделникот објави дека ограничувањата за патувања ќе бидат воведени низ целата земја само еден ден откако голем дел од северна Италија беше ставен во карантин.

„Нема веќе да има зона еден или зона два во земјата. Тоа е Италија, Италија заштитена зона“.

Со тоа Италија стана првата земја што го ограничи движењето на национално ниво, драматична нова мерка за запирање на раширениот коронавирус во најтешко погодената земја во Европа.

Невидените ограничувања со кои се забрануваат сите јавни собири и бараат од луѓето да не патуваат освен за работа, доаѓаат по алармантниот пораст на бројот на смртните случаи врзани за многу заразна болест во Италија, при што бројот на починати до понеделникот беше 463.

Италија има повеќе од 9.000 потврдени случаи на коронавирус, ставајќи го националниот здравствен систем под голем напор.

„Ние сме охрабрени дека Италија презема агресивни мерки за да ја контролира својата епидемија“, оцени во Женева, директорот на Светската здравствена организација Тедрос Гебрејесус кој рече дека коронавирусот сега е поблизу до пандемија.

„Сега кога вирусот се појави во толку многу земји, заканата од пандемија стана многу реална. Но, тоа ќе биде првата пандемија во историјата што може да се контролира“.

Во Израел, премиерот Бенјамин Нетанјаху најави и поагресивни мерки за запирање на ширењето на коронавирусот, барајќи од сите граѓани кои се враќаат од странство да бидат во карантин.

„По еден ден сложени дискусии, донесовме одлука: Секој што пристигнува во Израел од странство, ќе влезе во 14-дневна изолација“.

Израел веќе презеде некои од најекстремните мерки на претпазливост за да ја спречи појавата на коронавирус, принудувајќи ги посетителите од многу земји во Азија и Европа да бидат изолирани.

Оценувајќи дека короновирусот „го заслепи светот“, американскиот претседател Доналд Трамп најави мерки за економско олеснување со цел да се намали влијанието на заразата која се шири и во Соединетите држави.

„Само што присуствувавме на еден многу важен состанок на работната група за вирусот за кој сите зборуваат низ целиот свет, без разлика каде и да одите, тоа е она што им е на умот на луѓето. И ние ќе се грижиме за американската јавност и американската економија“.

До ова дојде откако американските берзи, и поради коронавирусот, го доживеаа најголемиот пад во изминатива деценија.

Во Соединетите држави порасна страхувањето од новата инфекција и откако било откриено дека самиот Трамп би можел да биде изложен на коронавирусот преку контакт со двајца републикански пратеници.