Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, заедно со потпретседателот Александар Николоски денеска во Будимпешта се сретнаа со премиерот на Република Унгарија и претседател на сестринската владејачка партија Фидеш, Виктор Орбан.
Од ВМРО ДПМНЕ соопштија дека главна тема на разговорот било инсистирањето и лобирањето на Мицкоски Македонија да добие датум за преговори со Европската Унија.
„Граѓаните и државата не смеат да бидат заложници на погрешните и погубни политики на Зоран Заев и неговата влада, нема повеќе време за губење и е потребно да се даде датум за преговори, при што ВМРО-ДПМНЕ гарантира сериозен план по изборите за имплементација на мерки и реформи кои државата ќе ја стават на брза трака на патот кон Европската Унија, а воедно ќе се надополни изгубеното време”, рекол Мицкоски.
Тој побарал од Орбан како член на Европскиот Совет да се заложи во убедувањето на другите шефови на влади на земјите членки на Унијата да ѝ овозможат на Македонија датум за отпочнување на преговори. На средбата Мицкоски истакнал дека сега лобира за датум за преговори, а по датумот ветува силен капацитет на спроведување на реформи кои ќе ја остварат европската перспектива на државата.
Од партијата наведуваат дека Мицкоски го информирал унгарскиот премиер за "загрижувачката економска и политичка состојба, како и високиот степен на криминализираност на општеството која поминува неказнето и со отсуство на волја на македонската Влада да влезе во отворена битка против корупцијата".