Изборни комбинаторики - Ај да видиме колку ве сака народот

Архивска фотографија од гласање.

Кој каде и во која изборна единица? Кандидатски листи. Коронавирус. Кај се пасошите? Ова се дел од темите на кои вие коментиравте на социјалните мрежи на Слободна Европа.

„Бујрум во четврта изборна единица да видиме колку те сака народ“ – постирал Тони Митев како реакција на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека сака да биде премиер, а не пратеник. „Биди бе, Мицко, или си сонуваш. И јас цел живот сонувам да бидам директор на хидроцентралите АМА никако да успеам“ – е реакцијата на Самко Мамудоски. Ѓорѓи Ристески смета дека тоа е „одлично, сепак промена во политичките ставови, значи не претендира по секоја цена да биде во парламент и да учествува во арамилакот над народот...“ Кирил Киркиновски кратко напишал: „Мало сутра“, а Богоја Вељаноски му порачува: „Мицкоски... и на врапците им е јасно дека од тебе нема ништо. Паметно ти е што не се кандидираш за пратеник з’ш толку ти е силата. Очигледно немаш и капацитет“.

Видете и ова: Мицкоски сака да биде премиер, а не кандидат за пратеник

Најавата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев дадена на прес конференција посветена на темата Родова еднаквост, заедно со заменик - претседателката на Партијата, Радмила Шекеринска, дека кандидатските листи ќе ги предводат двајца носители – маж и жена, и дека покрај него и таа ќе биде носител на пратеничка листа посетителите на нашата ФБ страница ја примиле со сомничавост. Дамјан Мирчовски смета дека Заев веднаш „прави грешка“, а и потпишаниот со Зоки Зоки Поки е на истата линија: „Голема грешка, Шекеринска ја нејќи членството, а и народот“. Џемал Џафероски со став: „Гласаме за Европа, инаку лопови сте сите“.

„Се договоривте ли со ДУИ“ – ја коментира потпишан со Марко Цепенко изјавата на техничкиот министер за внатрешни, Наќе Чулев дека не гледа причина фудбалскиот натпревар Македонија – Косово да не се игра пред публика поради потенцијална опасност од корона вирусот, но дека одлуката ќе ја донесе Управувачкиот комитет предводен од министерот за здравство, Венко Филипче. Зоран Крстев коменира: „Е, професионално, нема што, сите манифестации откажани, а натпреварот со публика!“. Ацо Колоски постирал: „Циркус невиден!“ Феим Нуредини, пак, претпазлив: „Немојте да дигате етнички тензии, без публика подобро“.

Видете и ова: Балканот против коронавирусот - Забранети летови, натпревари без публика, нема екскурзии

Роберт Митев, пак, го потсетува министерот кој вети пасоши во март, ама уште ги нема: „Наќееее, пасошиии, бе, ало...“. Уште една изјава на министерот Чулев, дека јужната граница целосно ќе се затвори за да се спречи нов мигрантски бран во земјава, предизвикала реакции дури и кавги и полемики со навреди на нашата ФБ страница. Неваип Исмаил порачува да не забораваме дека „никој не сака да биде бегалец и никогаш не се знае кој и кога ќе биде бегалец, ама за жал некои многу брзо забораваат“. За Горан Цека сите бегалци „се терористи“ му возвраќа во познатиот стил: „Прими си ги дома“... и непријателската полемика ја продолжува во овој наратив. Кија Мировска на бошњачки јазик напишала, како да кажува од искуство, дека посакува сите што се против мигрантите еден ден да го доживеат истото, со бовча во рака и со деца, не знаете што е бегалец, сите за вас се терористи...