Претставникот на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации Маргаритис Петриѕикис изјави дека иако во моментот нема идентификувани пациенти кои се инфицирани со коронавирусот, постои страхување дека доколку тоа се случи би можело да дојде до брз ширење на инфекцијата со оглед на немањето основна хигиенска заштита.
„Во однос на коронавирусот, УНХЦР и нашите тимови се обидуваат да им обезбедат информативни сесии на новите пристигнувања за основните принципи на лична хигиена“.
Наведувајќи дека Грција има право да ги заштитува своите граници Петриѕикис ги повика грчките власти да се „воздржат од какво било насилство“ врз бегалците и мигрантите.
„Ние сме свесни за извештаите за прекумерна употреба на сила по должината на границите. Повикуваме на смиреност, олеснување на тензиите и да се направат сите напори да се избегне каков било вид насилство“.
Илјадници мигранти се обидуваат да преминат од Турција кон Грција, откако Анкара соопшти дека нема да ги спречува да го сторат тоа.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во неделата ја повика Грција да го стори истото, односно да ги отвори своите граници и да им овозможи на мигрантите да заминат во другите европски земји.
„Еј Грција! Овие луѓе нема да останат во вашата земја, тие ќе се преселат во други европски земји, зошто ви пречи тоа? Да, ви рековме дека ако Турција нема да добие поддршка од ЕУ, ние ќе ги отвориме портите, вие не ни верувавте. Еј Грција! Зошто не ги отворите и вашите порти, нека одат во други земји и да се ослободите од овој товар?“
Во говорот во Истанбул, Ердоган рече дека жените и децата страдаат најмногу од напнатоста на турско-грчката граница.
Грција распореди полиција за немири во пограничното подрачје за да ги одврати луѓето од обидите да преминат, а имало и голем број конфронтации.