На жртвите на радово базирано насилство беше посветен денешниот, четврти по ред Марш за женски права, кој се одржа во центарот на Скопје. Маршот по повод Меѓународниот ден на жената, го организирашеПлатформата за родова еднаквост и активистките за женски права под мотото „Ти не си виновна!“.
Во присуство на стотици учеснички и учесници кои се собраа на Плоштадот Филип II, активистките го прочитаа овогодинешниот проглас, кој беше поттикнат од случајот „Јавна Соба“:
„Ние не сме безбедни! Ни на улиците, ни дома, па дури ни онлајн. Неодамна цела јавност беше шокирана од Телеграм групата - Јавна соба во која 13.000 членови споделувале, гледале и се исмевале со материјали, фотографии и видеа со сексуална содржина за конкретни жени и девојки без нивна согласност.[…] Станува збор за исклучително радикална форма на родово засновано насилство чиј последици се далекусежни и сериозни..“, се вели во прогласот.
Активистките, побараа воведување на сеопфатно, сексуално образование во земјата, како и адекватна, навремена и ефикасна превенција, заштита и поддршка на жртвите на родово базирано насилство, од сите институции кои се дел од системот за заштита и строго санкционирање на секое постапување.
Маршот за женски права започна од плоштадот Филип Втори, преку Камениот Мост, Плоштад Македонија до Паркот Жена Борец, каде што активистките имаа завршен преформанс.
Платформата за родова еднаквост е независна и неформална мрежа на македонски граѓански организации за женски права составена од 22 организации и мрежи кои здружено делуваат во насока на унапредување на родовата еднаквост воземјата.