Кинеските власти денеска соопштија дека има 99 нови потврдени случаи на заразени со коронавирусот во последното деноноќие, што е намалување во однос на претходните денови и најмал дневен број од 20 јануари. Властите велат дека скоро сите потврдени случаи на коронавирус надвор од епицентарот на градот Вухан се странци, меѓу нив многу кои пристигнале со летови од Иран.
Националната здравствена комисија соопшти дека надвор од централната провинција Хубеи, имало нови 25 потврдени случаи пријавени на 6 март, од кои 24 потекнувале надвор од Кина. Повеќето од странците дошле со комерцијални летови од Иран од 2 до 5 март.
Во главниот град Пекинг се регистрирани четири нови случаи, од кои три потекнуваат од Италија.
Со најновите случаи во Кина досега се потврдени 80.651 инфицирани од вирусот. А од КОВИД-19 во Кина досега загинале 3.070 луѓе. Во последниве денови, стапката на нови инфекции се зголемува надвор од Кина, од кадешто започна инфекцијата. Иран и Италија, заедно со Јужна Кореја, се меѓунајтешко погодените земји.
Иран на 6 март соопшти дека бројот на починати од коронавирусот се искачи на 124 лица, меѓу кои и поранешниот заменик министер за надворешни работи. Во Иран досега се заразени 4700 луѓе.
Во Македонија вчера беа потврдени уште двајца заразени, со што бројката засега е тројца заразени од вирусот.
И во Република Српска синоќа е регистриран трет случај на заразен со новиот коронавирус.