Официјалните претставници на Европската унија (ЕУ) не успеаја да ги убедат Франција, Германија и други европски земји да ги укинат контролите на извоз на заштитна медицинска опрема, пренесува Ројтерс.
Германија, Франција и Чешка воведоа забрани за извоз на заштитна опрема за да избегнат недостаток на домашниот пазар, што е во спротивност со слободното движење на стоки во рамките на ЕУ.
„Ваквите забрани претставуваат ризик од нарушување на нашиот колективен пристап кон управувањето со кризи“, истакна европскиот комесар за кризни ситуации Јанез Ленарчиќ на вонредниот состанок во Брисел.
Голем број земји членки на ЕУ се потпираат на Кина, која е извор на епидемијата на вирусот корона, да испорача најразлични состојки на лекови и сега се обидуваат да ги избегнат недостатоците бидејќи појавата на болеста пречи во испораката и предизвикува доцнења во доставата. Во повеќето земји членки на ЕУ постои недостиг на заштитна опрема, како што се маски, што пак ги доведува во опасност лекарите и медицинските сестри.
Европскиот комесар за здравство Стела Киријакидес повика на солидарност меѓу земјите членки на ЕУ за да се избегнат недостатоци на заштитна опрема. Францускиот министер за здравство Оливие Веран изјави дека Париз официјално запленил заштитна опрема, со што би биле свесни за достапните резерви. Тој не сакаше да зборува за забрана на извозот. Белгиската министерка за здравство Меги Де Блок ги нарече забраните парадоксални и побара тие да бидат укинати затоа што не ги вовеле ниту други земји членки.
Италија која е најтешко погодена од вирусот корона, официјално побара помош од други членки за да ги задоволат потребите од заштитна опрема.