СДСМ и БЕСА ги утврдуваат заедничките кандидатски листи

Зоран Заев, СДСМ и Биљал Касами, БЕСА

Покрај изборот на кандидати кои би се нашле на изборните листи на претстојните предвремени парламентарни избори закажани за 12 април, во СДСМ паралелно се одвиваат и разговорите со БЕСА во делот на утврдување на заедничките кандидатски листи. Ова денеска го изјави генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски и додаде дека разговорите на сите нивоа ќе се одвиваат се до Конгресот на СДСМ, до 9 март.

„Разговараме за интегрирање на програмските потенцијали, односно програмските понуди, кои исто така треба да бидат верифицирани и на Конгресот на СДСМ и во телата на БЕСА. Овие процеси се одвиваат согласно динамиката, согласно роковите и договорот што е постигнат меѓу претседателите е цврста гаранцијата дека на следните избори со сигурност ќе имаме заеднички листи првпат и оти многу лесно ќе бидат утврдени местата и позициите“, рече Николовски.

Николовски најави дека до понеделник ќе бидат заокружени сите шест кандидатски листи, на кои како што додаде СДСМ ќе има и кандидати Албанци, но и претставници на сите етнички заедници во земјава.

Генсекот на СДСМ информира дека во моментов во СДСМ завршува внатрепартиската постапка и процедура и во делот на предлагање од ниво на месни одбори до утврдувањето на потенцијалните кандидати од страна на општинските организации. Досега се евалуирани над 750 кандидати кои имаат поднесено кандидатури во СДСМ.