Церемониите околу олимпискиот оган во Грција нема да се одложат поради коронавирусот

Палење на Олимпискиот оган во Грција на 21 април 2016 година за Летните олимписки игри во Рио де Женеиро.

Церемонијата за палење на олимпискиот оган на 12 март 2020 во античка Олимпија, штафетното предавање низ 31 грчки град и церемонијата во Атина за предавање на организаторите на летните Олимписки игри во Токио, нема да се одложат поради коронавирусот, соопштија од грчкиот Олимписки комитет по денешниот состанок, јави дописничката на МИА од Атина.

На претходниот состанок одржан во вторникот, беше одлучено да се откажат предвидените ручеци и приеми во античка Олимпија, значително да се намали бројот на акредитации, генералната проба за палење на огнот да биде без публика, како и секои два дена да се прави анализа на ситуацијата и обработка на податоците, доколку бидат потребни дополнителни мерки за церемониите.

Грчките здравствени власти денеска соопштија дека има нови 21 потврден случај на коронавирус, со што бројот на заболени достигна 31. Новозаболените се вратиле од аџилак во Израел и Египет.