Рускиот суд ја казни Антикорупциската фондација на опозицискиот политичар Алексеј Навални затоа што не се регистрирала како странски агент што е предвидено во контроверзниот руски закон. Портпаролката на Навални Кира Јармиш денеска рече дека општинскиот суд во Москва донел одлука организацијата да плати казна од500 000 рубљи (7500 американски долари).
Четириесет и три годишниот Навални во последнава декада е еден од најгласните критичари на рускиот претседател Владимир Путин. Русија го усвои контроверзниот закон за „странски агенти“ во 2012 година по бранот антивладини протести. Со законот се предвидува сите невладини организации кои примаат пари од странство да се регистрираат како странски агенти.
Министерството за правда ја прогласи Антикорупциската фондација на Навални за странски агент во октомври. Фондацијата одби да се регистрира како странски агент тврдејќи дека никогаш не добиле парична помош од странство.