Договор за Косово не е постигнат, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ демантирајќи неофицијални информации дека Србија со Западот договорила конечно решение за косовското прашање.
„Претходните денови имаше многу лажни вести за тоа како се постигнуваат големи договори, за тоа како планот е веќе направен, за тоа како веќе се знае се. За тоа немало разговори, ниту постои нешто слично. Не постои никаков голем план, ниту голем договор“, рече Вучиќ во Белград по враќањето од посетата на САД.
Вучиќ повтори дека неговиот услов е да нема суштински разговори со Приштина додека не бидат укинати косовските такси од 100 отсто на стоката од Србија.
„Кага станува збор за стратешки работи, во Вашингтон разговаравме за таканаречениот Мини Шенген, побрз проток на луѓе, стока и капитал, како и изградба на автопати, за воспоставување на железнички и авио линии“, изјави Вучиќ.
Тој додаде дека на официјалните претставници на САД, со кои се сретнал во Вашингтон, им пренел дека Србија нема да работи на повлекувања на признавањето на Косово доколку Приштина потпише дека пред крајот на дијалогот со Белград нема да бара прием во Интерпол, УНЕСКО и останати меѓународни организации.
„Договорот мора да биде компромис, а не однострана желба. Тоа е единствениот услов“, изјави Вучиќ.
Тој соопшти дека во следните десет дена ќе отпатува службено во посета на Германија, каде со германската канцеларка Ангела Меркел ќе разговоара за Косово.