Полицијата фати 17 мигранти во Штип

Macedonian police. MOI.

Во близина на Штип утринава полицијата фатила 17 мигранти кои нелегално се движеле, потврди портпаролката на СВР Штип Гордана Панајотова.

Мигрантите се однесени во прифатниот центар во Гевгелија, откако претходно биле забележани во неколку групи во близина на градските гробишта во Штип во близина на регионалниот пат Штип-Радовиш.

Според инфорамциите, не станува збор за случај на криумчарење мигранти, односно тие не се движеле со помош на шверцери, а ова е трет случај на фатени мигранти во близина на Штип откако претходно беа фатени 40 лица кај штипското село Лакавица, додека вториот случај беше во неделата на 1 март кога полицијата во камион фати 78 мигранти во близина на штипската населба Три Чешми. Како што соопшти полицијата, двајцата шверцери биле лишени од слобода.

Во моментов грчката полиција се обидува да спречи нов влез на бегалци и мигранти на грчка територија, откако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган најави дека ќе ја отвори границата и ќе им дозволи на мигрантите да влезат во Европа.

Турските власти соопштија дека нема веќе да ги задржуваат сириските бегалци кои се обидуваат да дојдат во Европа, како одговор на Анкара за убиството на над 30 турски војници во Сирија.